ФК Брегалница е еден од најстарите македонски фудбалски колективи, вистинска гордост на Истокот, клуб со кој се препознаваат голем број навивачи од Источна Македонија, дом на бројни истакнати славни фудбалски имиња.
ФК Брегалница е формирана во 1921 година, барем согласно фактот дека таа година во Штип е донесена првата фудбалска топка од страна на Васил Вагленарски, тогашен студент во Загреб. Веднаш потоа први кои ја активирале фудбалската игра се браќата Хаџикимовски, браќата Прлејци, Прилепчански, Ковачев, Стојан Балабанов, Кучеванов, Навратил, Гичев, Пенушлиев кои биле истакнати школувани младинци од тоа време, но со огромна страст за фудбалот.
Како прв официјален натпревар одигран во Штип се смета оној на военото игралиште на тогашниот 23 пешадиски полк, комбиниран со формирачите на Брегалница. Потоа сите останати натпревари до пред Втората светска војна се играат на Бело Брдо.
За жал, од 1922 до 1928 година одиграни се само неколку натпревари. Во 1928 година, по барање на тогашните власти, Брегалница го менува името во „Обилиќ“ и така се натпреварува во регионалните лиги. Во тој период во Штип се формираат уште неколку фудбалски колективи, Гаќки, Југославија, Обилиќ, Занатлиски..., за да во 1932 година сите заедно водени од Обилиќ се здружуваат и повторно го враќаат името ФК Брегалница. Од тогаш, па до денес, живее гордоста на Штип - ФК БРЕГАЛНИЦА.
Веднаш по издвојувањето на Македонија и почетоците на независната држава, ФК Брегалница е член на Првата македонска фудбалска лига, иако истата сезона (1992/93) испаѓа од елитното друштво. По неколку сезони минати во второлигашка конкуренција, клубот повторно се враќа во Првата лига, во сезона 1996/97.
Во турбулетни години, преплетени со преселба и во понизок ранг на натпреварување, во првите години на 21. век штипските „сини“ повторно се враќаат во Првата македонска фудбалска лига за да веќе сериозно се издвојуваат како значаен фактор на домашната фудбалска сцена.
Како еден од најзначајните свои фудбалски датуми, штипјани, без сомнение, никогаш нема да го заборават 20. септември 1978 година - ден на штипскиот фудбал и ФК Брегалница. Сето тоа во чест на легендарниот Драгослав Шекуларац чија желба беше крајот на својата играчка кариера да го има во градот во кој е роден. И за самиот град и за Брегалница огромна беше честа да го организира последниот натпревар во кариерата на легендарниот Шеки. Противник на Брегалница (тогаш член на Втората југословенска лига) беше екипата на Њујорк Иглс која настапуваше во професионалната лига на С.Америка. Истата лига каде што играше и славниот Космос.
На Градскиот стадион во Штип, во извонредна атмосфера пред околу 12.000 гледачи на трибините, присутни бројни светски легенди на фудбалската игра како „црниот пантер“ од Мозамбик, Еузебио, еден од најдобрите во богатата историја на португалскиот фудбал, бразилските виртуози Рилдо и Еду кои во тоа време играа заедно со Пеле, Карлос, Алберто, Тостао, Жерсон. А, на теренот и уметници како Никица Клинчарски, Драган Џајиќ, Слободан Сантрач, Раде Залад...., сето тоа во чест на Шекуларац. На трибините присутни во Штип, како специјални гости, и Миљан Миљаниќ, Владимир Беара, Душан Савиќ, Гојко Зец... Победи Њујорк Иглс 4:2 (4:0) со трите гола на Сантрач во 13, 35 и 38 и на Харви во 22 минута. Станковски во 60 и Јакимовски во 73. ги постигнаа головите за Бргалница. Натпреварот го судеше штипскиот судија Петраклиев.
Стојан Арсов, роден во 1945 година во Штип, во својата кариера настапуваше за Брегалница и Победа. Без конкуренција е прогласен за фудбалер на векот на Штип, како свои најголеми успеси во играчката кариера запишувајќи ги трите шампионски титули на Македонија. Одигра повеќе од 500 официјални натпревари за Брегалница, како и 80 за Победа, со постигнати и повеќе од 100 погодоци.
Во својата тренерска кариера Арсов во три наврати беше шеф на стручниот штаб на Брегалница и тренер на младите категории.
УСПЕХ ЗА ИЗДВОЈУВАЊЕ...
Во 2017 година, во полуфиналниот натпревар од Купот на Македонија против екипата на Пелистер, Брегалница го игра својот прв натпревар на домашен терен под рефлектори. Осветлувањето на теренот е реализирано од страна на Општина Штип, а со поддршка на Фудбалската федерација на Македонија.