Никола Тонев: Нормални се и резултатските падови низ една сезона, но Брегалница цврсто стои на патот зацртан пред стартот на сезоната!

„Сините“ со 12 освоени бода на десет натпревари, сместувајќи се на средината од табелата, го завршија првиот круг од фудбалскиот шампионат во новата сезона.

Ако се анализира првиот круг од првенството, останува горчината кај секој поединец во клубот по последната серија на последните пет натпревари на кои беа освоени само два бода. Посебно погледнувајќи го, пак, извонредниот почеток низ еден навистина тежок распоред и противници како Академија Пандев, Струга ТЛ, Шкупи, Македонија ЃП, Тиквеш, во првите пет кола во кои беа освоени десет бода.

Спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев, низ анализата за првиот круг од првенството, вели дека овој тим покажа дека има квалитет да се надигрува со најдобрите во лигата, но остана резултатското потфрлање на натпреварите на кои тимот ја носеше фаворитската улога. Но, Брегалница останува цврсто на својот започнат пат и цел на долг рок кои бараат и трпение на патот до успехот.

„Ако се погледне како ја стартувавме сезоната и остварените позитивни резултати на почетокот со едни од најдобрите екипи во лигата кои изминатото лето ја преставуваа Македонија во Европа, низ еден навистина тежок распоред, нормално е очекувањата и апетитите на фудбалската јавност во Штип да бидат навистина високи. Целите и амбициите, но и игрите, ако се погледнат токму нашите натпревари против најдобрите екипи во лигата, не кореспондираат со моменталната позиција на табелата. Овој тим покажа дека има квалитет да се надигрува со најдобрите и тоа го докажавме во неколку наврати. За жал сега се навлезе во резултатска криза која не е непознаница во светот на фудбалот“ - вели спортскиот директор на „сините“.

Кои се објективните причини за резултатското потфрлање на одредени натпревари? Заслужи ли тимот, според игрите, и повеќе бодови од првиот првенствен круг?

„Причините за резултатите ние секогаш ги бараме само во нашите редови, и сме навистина самокритични. Мислам дека ни недостасува тој победнички менталитет кога сме во улога на фаворити. Тој психолошки момент е клучниот за потфрлањето на одредени натпревари каде ја носевме фаворитската улога.  Како клуб генерално не сакаме да коментираме и за судиските грешки, но да бидеме искрени, во серија на многу судиски грешки, речиси секое коло, како против нашиот клуб но и на сите останати средби мислам дека треба што побрзо да се корегираат нивните грешки и да се воведе ВАР-систем во македонскиот фудбал. Во секој случај, не треба да заборавиме дека сите ние заедно сме Брегалница, и во победи и во порази. Сите носиме одговорност, од управата преку стручниот штаб па се до фудбалерите. Нормално е во текот на сезоната една екипа да има подеми и падови. Факт е дека ние се наоѓаме во една мини резултатска криза, па оваа пауза доаѓа во вистински момент да ги согледаме нашите грешки и да ги корегираме. Објективно погледнато, па ние сме на 6-7 бодови од второто место на табелата а тимот се пласираше и во четвртфиналето од Купот на Македонија, па и натаму сме во игра на два фронта“ - истакнува Тонев.



Штипската фудбалска јавност очекува да се создаде силна Брегалница која ќе обезбеди излез на европска сцена. Постои ли Европа како цел на тимот?

„Јас лично никогаш немам изјавено дека нашата цел сезонава е Европа. Тоа е постојано нагласувано од одредени смешни кругови на јавноста во Македонија, и тоа оние надвор од Штип, кои на сила сакаат да ја креираат политиката во клубот обидувајќи се да создадат лажна претстава и дополнителен притисок во фудбалски Штип и кај играчите. Кога реално зборуваме за буџет ние не сме во првите 5-6 екипи во лигата. Спортски е секогаш да се стремите кон нешто големо, спортски е секогаш да имате високите амбиции, но за се е потребно време“.

Основната определба на Брегалница веќе неколку години е и промоција на млади талентирани фудбалери. Но, колку може да се издржи со таа определба, а во исто време и резултатите да бидат императив?

„Ние не отстапуваме од нашата филозофија и проектот на сопственикот на клубот да инвестираме во млади фудбалери, пред се во интерес на развојот на фудбалот во регионот, и во интерес на македонскиот фудбал генерално. Знаеме дека не секогаш таа определба оди заедно: Да создаваш играчи за иднината на клубот и да имаш резултат. Но, Брегалница како клуб ќе создава млади играчи кои се повикуваат во националните селекции како што беа Манев, Денковски, Стојанов. Сега Иван Николов е капитен на младата репрезентација и доби и повик за настап во А-селекцијата. Ние и во иднина продолжуваме во таа насока, Брегалница да биде препознатлив промотор на младите фудбалски таленти“.

Во јавноста постојано се шпекулира за промена на стручниот штаб на тимот. Колку има вистина во тоа?

„Брегалница како клуб секогаш гледа само на долги патеки. Некои смешни портали се обидуваат секое коло да направат притисок за смена на стручниот штаб. Но, ние веруваме во нивните квалитети и ја имаат нашата поддршка. Нормално е кога се има криза целиот притисок да биде кон тренерот и управата. Но, како што нагласив и претходно, одговорноста ја носиме буквално сите. Искрено апелирам до сите верни навивачи на клубот да бидат заедно со Брегалница, и во победи и во порази. На играчите сите заедно им сме потребни токму кога на сцена е резултатската криза, како што беше тоа пример и со други клубови во лигата, како Шкупи, Шкендија, Победа, кои претходно минуваа низ лоши период, но со постојана поддршка од трибините со силата на 5.000 навивачи на секој натпревар повторно позитивните резултат се враќаат. Во тоа е и убавината на фудбалот“ - вели спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев.