Брегалница и покрај одлично одиграниот натпревар на гостувањето против лидерот Струга ТЛ, остана без целиот плен, поради се чини нов сомнително досуден пенал за домаќините во финишот од мечот за конечно реми од 2-2.
Анализирајќи го тој натпревар, но и комплетните случувања во македонскиот шампионат, спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев, вели дека судењето е навистина рак-рана за домашниот фудбал, а судиите се единствените во него кои не сносат никаква одговорност за своите грешки. Напротив нивните грешки секогаш одат на грбот на клубовите, фудбалерите, тренерите.
„Како спортски работник навистина неразбирливи ми се толку промени на тренери во македонскиот фудбал во само десет кола од почеток на сезоната. Трофејни тренери и истакнати имиња како Александар Васовски, Влатко Костов, Артим Шаќири..., се менуваат за така краток период. Васовски пред само неколку месеци беше најдобриот домашен тренер кога успеа Академија Пандев да ја однесе во Европа. Заборави ли што е фудбал за само неколку месеци? Само тој ли е виновникот? Не. Како тренерите и играчите да се единствените виновници за се лошо во македонскиот фудбал. А, всушност јасно е дека во македонското првенство резултатите во голема мера се последица и на катастрофалното судење. Како може фудбалот во Македонија да оди напред кога секое коло главните актери на терен не се играчите, туку лицата кои треба да ја делат правдата и да бидат пример за чесност и посветеност“ - вели Тонев, притоа дополнувајќи:
„Се прашувам судиите во македонските шампионати, пред кого одговараат? Дали воопшто во овие 30 години македонска фудбалска независност одговараат пред некого? Дали некој од нив се повлекол поради континуирано лоша арбитража, дали некој е казнет со година или две забрана за судење, или парична казна? Вака, ако се гледа според тоа како функционира македонскиот фудбал, ми се чини како тренерите и играчите да се најголемото зло на македонскиот фудбал. Сами тие се тие кои понесуваат одговорност, тренерите и управите поднесуваат оставки и тогаш кога резултатите докажано се под директно влијание на очигледните судиски грешки. Дали некогаш ќе се направи добра анализа колку судењето носи своја улога во резултатите на одреден тим? Дали оние смешни рекетарски портали (исклучувајќи ги секако чесните и реални кои се за среќа се повеќе), кои по секое коло „сечат глави“ на тренери и играчи некогаш ќе направат и детална анализа за судењето? Или единствено, онака како што знаат, само ќе се ситат на тренерски смени и казнети играчи? Знаат ли, тие портали, подлабоко и посуштински на вистински начин да ги согледаат случувањата на терен во интерес на македонскиот фудбал, или водејќи се само од личниот интерес само ќе бараат да добијат некој денар од клубовите, а кога нема да им се исполни желбата тогаш одлучуваат да удрат по раководствата, тренерите, играчите?“
Се чини како македонскиот клупски фудбал се повеќе да тоне...
„Да бидеме реални, без финансии нема фудбал. А, спонзорите во македонскиот фудбал ги нема не затоа што нема пари, туку не сакаат да бидат дел од еден нефункционален систем, пред се оној судискиот во фудбалот. Кога зборувам за судењето не би сакал тоа да се поистовети со ФФМ, која да бидеме реални преку инфраструктурните инвестиции секогаш е со поддршка за градовите и клубовите, но дефинитивно судиската организација мора повеќе да се потруди затоа што на домашниот фудбал неопходно му е да се најде лек и за судењето. Дали некогаш некој се запрашал кои се причините за уназадувањето на фудбалот. Срмано е за сите нас да бидеме на 50. место според рејтингот на клупскиот фудбал од 52 земји во Европа. Но, навистина е и срамно и страшно после секој натпревар играчите и од двете екипа постојано да бидат нервозни и бесни на судењето. А, тажни се констатациите на играчите по секој натпревар дека судијата ете не сакал да наштети, туку толку знае. Но, одговараат ли пред некого за тоа незнаење? Носат ли тие некаква одговорност, или само ќе страдаат играчите и тренерите во овој наш фудбал? Па, фудбалерите хранат фамилии од оваа работа, а за судиите сето ова е некакво хоби, некаква споредна работа после првата нивна работа како комерцијалисти, полицајци, келнери...“.
Ако се погледнат и судиските анализи од страна на судиската комисија после секое коло, и нема така нагласено голем број судиски грешки?
„Мене ми е малку чудно и што не се знае кој ги прави тие судиски анализи после секое коло. Дали може да ги знаеме со име и презиме. Дали тие гледаат и анализираат како лесно се делат жолти и црвени картони и како се оштетуваат клубовите. Не може во сите лиги во Европа, по 12-13 одиграни кола да има најмногу до десет црвени картони, а кај нас досега да има 30 црвени картони. Во тие анализи единствено што гледаме е дека се гледаат дали имало пенал или имало офсајд-позиција, и тоа по различни критериуми во зависност која екипа се анализира. Тоа е навистина срамно! Треба да се гледаат цели натпревари и детално секоја ситуација и начин на судење. Но, немаат време за тоа. Прашање е и контролорите како ги оценуваат судиите, дали воопшто нешто се оценува, или само доаѓаат на екскурузии на натпреварите? Навистина мора да се стави точка на начинот на кој се дели правдата во македонскиот фудбал. Тоа е од интерес буквално на сите, затоа што мора да ги заштитиме играчите и тренерите, кои се одрекуваат од многу нешта во животот, живеејќи единствено за фудбалот, а на крај се постојани жртви на неправди“ - вели Никола Тонев.