Супер-гол на Кудев, со млади сили триумфално против Тиквеш (ФОТО)

Во доминантен натпревар низ максимална тактичка одговорност фудбалерите на Брегалница запишаа триумф од 2-1 против традиционално големиот ривал Тиквеш во 14. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Шефот на стручниот штаб, Илчо Ѓорѓиоски, поради настапот во Купот на Македонија во среда против Струга ТЛ на гостински терен, се одлучи против кавадарчани да настапи во комбиниран состав со дури тројца младинци во почетниот тим, браќата Михаил и Димитриј Димитриевски и офанзивецот Љупче Кудев, а без искусните Мојсов, Хаџановиќ, Херера, Додев, Ѓорѓиев и репрезентативецот Николов во тимот. Но, „сините“ одиграа беспрекорно на крај повеќе од заслужено доаѓајќи до победата од 2-1.

Агресивниот пристап од самиот почеток веднаш вроди со плод уште во 4. минута кога капитенот Стефан Коцев убаво нафрли од десната страна, а Ѓокиќ одлично реагираше за водство од 1-0.

Во продолжението се редеа шанси за Брегалница, но гостинскиот голман убаво реагираше во неколку наврати. Сепак, не можеше ништо во 53. минута кога 18-годишниот Љупче Кудев извонредно од свртување од 12 метри погоди под самата греда од голот на Тиквеш ефектно стрелајќи за 2-0.



Во 60. минута крајно сомнителна ситуација кога нововлезениот Додев убаво продре по десната страна, беше соборен во гостинскиот шеснаесетник, но главниот судија не покажа на белата точка.

Брегалница мудро ја чуваше предност до крајот на мечот, а Тиквеш единствено успеа да постигне почесен погодок преку Мишов во 64. минута од натпреварот.

ПМФЛ - 14. КОЛО
БРЕГАЛНИЦА - ТИКВЕШ 2-1 (1-0)

Градски стадион во Штип. Гледачи: 3.000. Стрелци: Ѓокиќ 4', Кудев 53' (Б) - Мишов 64' (Т).