Легендата на штипскиот фудбал Горан Здравков - Чалам е нов шеф на стручниот штаб на Брегалница.
42-годишниот Здравков го презема кормилото на Брегалница по крајот на есенскиот дел од сезоната 2022/23, како наследник на Илчо Ѓорѓиоски на клупата на штипските „сини“.
Раководството на клубот се одлучи низ актуелната сезона да даде шанса на едно од најславните имиња на штипскиот фудбал кој низ есенскиот дел од сезоната успешно го водеше радовишкиот второлигаш Детонит Плачковица.
„Се одлучивме довербата да го предводи тимот да ја дадеме на едно од најголемите имиња на штипскиот фудбал како начин токму и во својот дом, во клупската средина од која потекнува, Горан Здравков да започне и успешна тренерска кариера. Брегалница продолжува по својот пат на изградба на клуб кој долги години ќе биде сериозен македонски прволигаш, поставувајќи нормативи за начин на функционирање на тимот. Во таа насока е и овој избор за нов шеф на стручен штаб“ - истакнува првиот човек на Брегалница, Кирил Гогов.
Здравков зад себе има богата играчка кариера во Брегалница и Работнички во Македонија, но и на интернационалната сцена. Низ тренерскиот предизвик претходно беше и тренер на Каменица Саса, пред сега да се врати дома преземајќи го кормилото на својот матичен клуб.
„За мене е огромна честа и задоволството што повторно сум во својот клуб, во мојата Брегалница. Среќен сум што ја добив довербата од сопственикот на клубот, господинот Кирил Гогов, на кого искрено му благодарам, свесен дека да се предводи тимот на Брегалница секогаш носи огромна одговорност. Но, пред нас е сериозен предизвик верувам со успешни идни денови на задоволство на големиот број наши навивачи“ - истакна Здравков по промоцијата на функцијата шеф на стручниот штаб на Брегалница.
Како прв асистент на Здравков во стручниот штаб во клубот доаѓа и Ане Темелков, поранешен член на стручниот штаб на велешки Борец. Дел од стручниот штаб како кондициски тренер останува Лазар Илиев, како и Љупче Колев кој останува тренер на голманите.