Со завршувањето на есенскиот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, Брегалница се одлучи да ја заврши соработката со фудбалерот од средниот ред на тимот, Белгиецот Фајсел Касми.
Касми изминатово лето пристигна во редовите на „сините“ потпишувајќи двегодишен договор, но по взаемен договор со раководството на клубот одлучено е да биде прекината меѓусебната соработка.
Од составот кој настапуваше изминатава есен во домашниот шампионат заминува и левокрилниот дефанзивец Себастијан Херера на кого му е завршен договорот, додека сите останати ќе бидат на располагање на новиот шеф на стручниот штаб, Горан Здравков.
Брегалница подготовките за пролетниот дел од шампионатот ќе ги започне на 9. јануари следната година кога ќе биде и првата прозивка под водство на новиот тренер. Првата фаза од подготовките ќе биде реализирана во Штип, по што ќе следат централните подготовки за продолжението од првенството.