Новиот шеф на стручниот штаб на Брегалница, Горан Здравков ја имаше првата прозивка на враќањето меѓу своите „сини“, овој пат како тренер, означувајќи почеток на подготовките за пролетниот дел од сезоната 2022/23 во Првата македонска фудбалска лига.
Здравков го реализираше првиот собир на тимот на стартот од зимскиот подготовки, притоа веднаш реализирајќи го и првиот тренинг на теренот на Градскиот стадион во Штип.
На првиот собир единствено недостасуваa репрезентативецот на Уганда, Халид Лвалива, како и Борха Кордоба, кои со одобрение од стручниот штаб со неколку дена закаснување ќе се приклучат на подготовките, а сите останати фудбалери беа на располагање на Здравков. Меѓу нив и двете досега зимски засилувања, фудбалерот од средниот ред Давид Калпачки и крилниот офанзивец Зоран Андонов.
„Сините“ пред продолжението од шампионатот ќе одиграат вкупно седум пријателски натпревари. Во Штип ќе се работи до 25. јануари, а потоа екипата се сели во Охрид. Во првата фаза од подготовките ќе бидат одиграни и два пријателски натпревари, против Академија Пандев (19. јануари) и против Тиквеш (24. јануари), а во Охрид закажани се тест-дуелите со Воска Спорт (28. јануари), Караорман (31. јануари), Охрид (1. февруари) и Пелистер (5. февруари). Генералката пред стартот на пролетниот дел ќе биде на 12. февруари против Беласица на Градскиот стадион во Штип.
Пролетниот дел од Првата македонска фудбалска лига почнува на 19. февруари. Во првиот пролетен натпревар „сините“ во Штип ја пречекуваат екипата на Скопје.