Фудбалерите на Брегалница ја завршија првата фаза од подготовките за пролетниот дел од Првата македонска фудбалска лига, па од денеска во Охрид ќе биде реализирана и централната фаза низ техничко-тактичката подготовка за продолжението од шампионатот.
Шефот на стручниот штаб Горан Здравков е задоволен од досега сработеното, нагласувајќи дека сега следи глазурата која треба да го даде изгледот на тимот за пролетниот дел од првенството. Низ првите два досегашни тест дуели „сините“ ремизираа без голови со Академија Пандев во Струмица и го победија Тиквеш со 1-0 во Штип.
„Задоволни сме од досега сработеното, активноста на фудбалерите низ подготовките и првично виденото на двата пријателски натпревари. Секако ова е само прва фаза од подготовките и верувам дека Брегалница ќе игра уште подобро на следните тест-дуели. Последните пет закажани пријателски натпревари ќе го дадат финалниот изглед на тимот за пролетниот дел од сезоната“ - вели Здравков и дополнува:
„Најважно е што атмосферата во тимот е одлична, екипата е крајно мотивирана па низ една мирна атмосфера сигурен сум дека ќе го реализираме се она планирано за зимските подготовки“.
Брегалница во Охрид ќе одигра и пријателски натпревари со Воска Спорт (28. јануари), Караорман (31. јануари), Охрид (1. февруари) и Пелистер (5. февруари). Генералката пред стартот на пролетниот дел ќе биде на 12. февруари против Беласица на Градскиот стадион во Штип. Пролетниот дел од Првата македонска фудбалска лига почнува на 19. февруари. Во првиот пролетен натпревар „сините“ во Штип ја пречекуваат екипата на Скопје.