Екипата на Брегалница подготвена го очекува пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, во желбата за позитивен старт веќе на дуелот против Скопје в недела од 14 часот на Градскиот стадион во Штип.
Сосема е јасно за секој поединец во таборот на „сините“ дека ги очекува исклучително незгоден противник и тежок натпревар на патот до трите бода, но како што вели младинскиот репрезентативец Иван Николов екипата е подготвена за сите пролетни предизвици.
„Може со сигурност да кажеме дека минавме навистина квалитетни подготовки. Во тимот владее одлична атмосфера која верувам ќе не одведе кон позитивни резултати во пролетниот дел од шампионатот. Се виде низ есенскиот дел дека лигата е изедначена и очекувам така да биде и во продолжението, секој натпревар е подеднакво тежок и затоа ќе мора максимално сериозен пристап на секој дуел. Посакувам со позитивен резултат да ги израдуваме нашите навивачи уште на стартот од вториот дел од првенството“ - вели Николов.
За време на зимските подготовки „сините“ одиграа седум пријателски натпревари со запишани пет победи, едно реми и еден пораз, и вкупна гол-разлика од 10-6 што без сомнение носи задоволство кај стручниот штаб. Но, јасно е дека сето тоа ќе мора да се преточи и на официјалните првенствени натпревари.
Натпреварот меѓу Брегалница и Скопје од 19. коло во ПМФЛ се игра во недела од 14 часот на Градскиот стадион во Штип, а главен судија ќе биде Стојанче Трпчевски од Кавадарци.