„Сините“ ја запишаа првата пролетна победа во сезоната 2022/2023 и прва официјална под водство на Горан Здравков кој од почетокот на годинава ја презеде тренерската палка во својата Брегалница.
Брегалница одигра одличен натпревар на гостувањето против Работнички во Скопје сосема заслужено триумфирајќи со погодокот на младинскиот репрезентативец Иван Николов. Сето тоа на задоволство на Здравков кој пролетната полусезона ја почна со четири бода од првите два натпревари.
„Може секако да бидам задоволен од играта и победата на гостувањето против еден силен тим како Работнички. Целосно заслужена победа со максимално дисциплинирана игра на целиот тим. Беше тоа вистински првенствен дуел со навистина коректен пречек и игра на терен на нашите пријатели од Работнички. Верувам дека овој триумф ќе биде добар импулс за играчите, мотив повеќе за следните дуели и враќање на самодовербата пред продолжението од првенството“ - вели Здравков.
Брегалница по цели 11 години успеа да триумфира на гостински терен против Работнички. Последен пат „сините“ против Работнички славеа во април 2012 година кога победија во Скопје со 1-3.
„Сето тоа сигурно носи инспирација и за следните натпревари. Оваа победа е еден вид подарок и за верните навивачи и сите искрени љубители на фудбалот од Штип кои секогаш се со нас. Наша обврска ќе биде да продолжиме со уште подобри изданија како минува времето“ - истакнува стратегот на Брегалница.