Фабрицио Венегас: Се чувствувам одлично во Штип, имаме прекрасен тим кој има што да покаже во ова првенство

Брегалница одигра уште еден квалитетен домашен натпревар сосема заслужено доаѓајќи до втората победа сезонава, овој пат од 2-1 против Гостивар.

Без сомнение, еден од фудбалерите кои се издвоија на мечот е „десетката“ на „сините“, Фабрицио Венегас. Изнуди и реализираше пенал за водство, имаше потоа уште една можност за погодок, но гредата го спаси голот на Гостивар по неговиот извонредено изведен слободен удар... Во секој случај натпревар со кој ги освои срцата на љубителите на фудбалот во Штип.

„Навистина сум пресреќен што дојдовме до нова победа. Одигравме квалитетен дуел и сосема заслужено дојдовме до триумфот како подарок за прекрасните наши навивачи. Одлично се чувствувам во Штип, имаме прекрасен тим во кој владее максимална хемија меѓу стручниот штаб и играчите и верувам дека тоа ќе не води и низ натамошниот тек од првенството“ - вели Венегас.

Веќе утре Брегалница ја чека тешко гостувањето против Шкендија во Тетово.

„Шкендија е можеби најдобриот тим во лигата. Сигурно ја носат фаворитската улога, но ние не планираме предвремено предавање. Напротив, веруваме дека можеме до нова квалитетна партија, сигурно ќе има силна борба за нов позитивен резултат“ - истакнува Венегас.

Натпреварот меѓу Шкендија и Брегалница од 4. коло во Првата македонска фудбалска лига се игра утре од 16:30 часот во Тетово.