Овој осврт го почнуваме со познатата изрека на нашата фудбалска легенда Дарко Панчев во еден ТВ пренос каде на коментаторот Златко Калински му укажа дека “Таков е фудбалот, Златко”, алудирајки на не соодветсвувањето на играта со крајниот резултат и не логичностите кои се чести кога станува збор за фудбалската игра. Токму така беше на последниот натпревар на штипските сини во Кавадарци во првенствениот натпревар од 8.коло од првата македонска фудбалска лига. Брегалница имаше водство на полувремето, имаше иницијатива, имаше шанси, посед на топка и целосна контрола на текот на играта. Со еден збор, избраниците на тренерот Здравков играа како по ноти. Но, секогаш подобриот ривал не го носи целиот плен. Така беше и во Кавадарци, 3-те бода останаа на контото на Тиквеш.
Без издвојување на поединци, целата екипа на Брегалница одигра мошне квалитетен натпревар. Измените, исто така беа направени во вистинско време и се покажаа како исправни. Но, недостасуваше спортска среќа и малку повеќе концентрација кај поединци. Така, грешката на капитенот Лвалива, по која истиот се повреди, штипскиот состав го чинеше израмнување, а промашениот пенал на Венегас го чинеше победа во Кавадарци. Желбата за гол и победа не згасна ниту во еден момент кај играчите од синиот табор, напаѓаа, креираа шанси, ја контролираа играта во текот на сите 90 минути, но гужвата во гостинскиот шеснаесетник во завршните моменти од средбата умешно ја искористи домашниот плејмејкер Ивановски и на жалост, Брегалница остана со празни раце.
Штипскиот состав брзо се опорави од психолошкиот шок, и веќе со ладна глава со мислите се насочува кон следниот противник. Веќе во недела, на “Градски” во Штип гостува скопски Вардар. Ова е можеби најважниот меч за Брегалница во овој период од сезоната. Следуваат неколку дена за комплетна анализа, за воигрување, подготовка на тактика и јуриш на преку потребните 3 бодови.
Пишува: Горан Стаменков