​Јамајкански танц во градот под Исарот

Победа под страшно голем притисок не е само обична победа, тоа е “воздигнување од пепелта”. Огромен товар од рамењата на штипските сини падна после триумфот над Работнички во саботата. Иако романтичарите беа тежок противник, сепак фудбалерите на штипска Брегалница одиграа уште еден одличен натпревар, но овој пат со дисциплина во сите 90 минути го однеа целиот плен.

Јамајканското дуо Колин Андерсон – Роналдо Вебстер се покажа кобно за тимот од градски парк. Колин во првото и Вебстер во второто полувреме стрелаа за победа на домаќините. Роналдо Вебстер беше константна закана по гостинскиот гол буквално целиот натпревар со континиуирани продори по левата страна. Целата екипа на Брегалница одигра одличен натпревар, натпревар под огромен притисок заради негативната резултатска серија во последните неколку кола. Тактички се беше перфектно подредено од страна на тренерот Горан Здравков, целиот стручен тим одлично го имаше проучено противникот од Скопје. Фудбалерите, пак, 90 минути концентрирано и максимално дисциплинирано сето тоа го спроведоа на терен.

Голманот Давков на неколку пати бравурозно одбрани, имаше неколку одлични проценки, а на два пати и ја вадеше топката од самата гол линија. Вистински бедем меѓу стативите на домашниот тим. На десната бековска позиција Брегалница несомнено има играч од репрезентативен калибар во името на Ване Јованов. Јованов во низа одигра уште еден перфектен натпревар и во фудбалски жаргон кажано “го откажа” Работнички да напаѓа преку неговата страна. Во офанзива, исто така одличен. На неколку пати, со одлични уфрлувања им центрираше прецизно на своите напаѓачи. Играта на Ване Јованов оваа сезона, сериозно треба да го замисли селекторот на националната селекција Милевски за повик и пружање шанса на скромното штипско момче кое лавовски се бори на теренот за секоја топка. Стоперскиот тандем Велкоски – Силјановски даваше сигурност и самодоверба на целиот тим во текот на целиот натпревар. Виктор Велкоски без грешка во воздушните дуели, одличен во покривањето и пресирањето. Горан Силјановски веќе по којзнае кој пат покажа дека е играч од повисоки размери. Капитенски, сигурно, борбено, безкомпромисно ја држеше играта и неуморно ги мотивираше и бодреше своите помлади соиграчи. Популарниот “Шаро” царуваше на теренот, играч кој би го посакал секој тренер во својот ростер. Вистински капитен како на теренот, така и надвор од него. На левата страна, покрај Вебстер, дефанзивно одлична партија покажа Зоран Андонов. Во негов стил, борбено до крај, без загубена топка за него 90 минути ги истрча во еден здив и покрај дефанзивните задачи, помагаше на својата екипа со прецизни центаршутеви и одлично ги разигруваше своите колеги од нападот. Лука Робакидзе и Давид Калпачки се дефинитивно најдоброто деструктивно дуо во нашата фудбалска лига. Тоа го покажаа и на овој натпревар. Освен примарната задача, тие максимално беа вклучени и во организација на нападите на Брегалница, делеа одлични пасови, сигурно ја контролираа играта со одличен баланс меѓу одбраната и нападот. Калпачки одлично се снајде во улогата “мозок” на екипата и топката беше најсигурна во неговите нозе. Робакидзе е можеби најконстантниот играч на Брегалница со маестрални игри во континиутет. Засилување во вистинска смисла на зборот. Сигурен, интелигентен, прав визионер во развивањето на акциите на штипската чета. На крилните позиции делуваа Вебстер и Димитриј Димитриевски. За Роналдо веќе кажавме дека одигра натпревар за чиста десетка. Младиот Димитриевски исто така во потполност ги исполни задачите од стручниот штаб. Константен и желен за игра, одигра одлично прво полувреме, подоцна беше сменет заради промена на тактичката поставеност на екипата при резултат 1:1. Како поддршка за нападот, централно делуваше Фабрицио Венегас. Тој, како со нетрпение да го очекуваше овој натпревар. Влезе максимално мотивиран со желба за победа и голови. Одлично “оперираше” со топката, на неколку наврати измами аплаузи од публиката со атрактивни потези и додавања. Ја бараше топката, сакаше да се надигрува и да покаже зошто пристигна во редовите на Брегалница. Фантастичен натпревар и зад неговото име. Во самиот врв на нападот беше “штипскиот Осимен” Колин Андерсон. Тој прекар го доби од штипската публика, заради физичкиот изглед и начинот на игра. Полека, но сигурно Андерсон станува миленик на штипската фудбалска јавност. Со добрата игра и однос спрема публиката, Колин ги освои срцата на навивачите. Го постигна првиот гол и е прв стрелец на екипата иако имаше мала пауза поради повреда. Измените, исто така одиграа одличен натпревар. Филип Стојчевски, Михаил Димитриевски, Халиди Лвалива и Валериј Степаненко во потполност ги исполнија задачите од тренерот и придонесоа за победата над Работнички. По подолга пауза, во тимот се врати Ѓорѓи Ѓорѓиев, миленик на публиката во Штип кој ги одигра своите дебитантски минути оваа сезона и навести дека ќе се врати во уште подобра форма, ќе го остава срцето на теренот и ќе ги тресе противничките мрежи.

Се на се, одлична фудбалска претстава во Штип, борбен натпревар на две искусни екипи. Честитки за стручниот штаб на чело со Горан Здравков, кој уште еднаш одлично ја постави играта и перфектно го анализираше противникот. Психолошкиот товар е симнат од плеќите, остварена е толку посакуваната победа, екипата дише како еден, атмосферата е на одлично ниво, мотивираноста не изостанува ниту еден момент. Да се надеваме дека оваа победа е почеток на една добра резултатска серија на штипските сини и атак на горниот дел од табелата.
 
Пишува: Горан Стаменков