-
30.10.2023
-
Млади категории
Кратко интервју со фудбалската надеж на ФК Брегалница Александар Нехтенин.
Каде го планираш твоето понатамошно образование?
Моето образование го започнав во мојот роден Штип, сега сум во средно медицинско училиште, а понатаму планирам да продолжам во некоја реномирана спортска академија кај нас или во странство.
Училиштето пред фудбалот или обратно?
Без образование нема фудбал и обратно, бидејки денес фудбалот е наука.
Дали на оваа возраст сметаш дека сериозна љубовна врска може да наштети на фудбалска кариера? И зошто?
Не сум размислувал за сериозна врска, сакам да се посветам максимално на фудбалот, а љубовта и љубовните врски ќе си дојдат сами по себе кога ќе се чувствувам спремен за тоа.
Како си задоволен од твојот досегашен и моментален статус во твојата категорија?
Бидејки играм една категорија повисоко од мојата, задоволен сум, но сметам дека секогаш може подобро.
Како си задоволен од условите за тренинг?
Условите за тренинг може да се каже дека задоволуваат, но сепак сметам треба подобрување во делот на инфраструктурата, а исто така недостигот на терен е проблем бидејки интересот за фудбал од страна на штипските деца е голем.
Индивидуални тренинзи?
Да. Индивидуалните тренинзи во комбинација со постојаниот ритам на натпревари во супер лигата во категоријата во која играм и те како придонесуваат за тоа што до денес сум го постигнал.
Омилен фудбалски клуб?
ФК Реал Мадрид
Омилен фудбалер?
Лука Модриќ
Каде се гледаш во блиска/далечна иднина?
Засега останувам во ФК Брегалница, во зависност од мојот напредок и моето усовршување, во блиска иднина како што реков се гледам во некоја фудбалска академија, но секако не се исклучени и понуди од други клубови во Македонија.
Твое размислување за ситуацијата во македонската фудбалска репрезентација во твојата возрасна категорија?
Имам мало искуство во македонската репрезентација, одиграв 4-5 натпревари досега. Сметам дека треба да се опфати селекција на фудбалери од сите краишта на нашата земја и да нема бирање по принципот “мое, твое и наше дете”. За репрезентацијата мораат да играат само најквалитетните играчи.
Дали би прифатил понуда од друга федерација за настап?
Јас сум Македонец и за сега не размислувам за настап под друго знаме.
Рано заминување во странство или дооформување во Македонија па странство? И зошто?
Како и претходно што напоменав, засега сум фокусиран на условите кои се тука. Кога ќе го завршам средното образование, планирам да се запишам на спортска странска академија и таму да продолжам со дооформување. Овде во Македонија треба уште многу да се вложува во фудбалскиот свет и само со квалитетно учење и пружајки им шанса на младите таленти да го докажат својот квалитет и да го заслужат своето место во репрезентацијата, можеме да одиме напред.
За крај на ова интервју би сакал да се јавно да се заблагодарам на моите тренери од ФК Брегалница кои се заслужни за моите досегашни успеси и достигнувања.
Александар Нехтенин е роден на 23.05.2008год и со свои 15 години дебитираше во првиот тим на ФК Брегалница во пријателски натпревар. Игра на позиција централен напаѓач. Тој е еден од надежите на фудбалскиот клуб Брегалница и му посакуваме многу здравје и успех во кариерата, која несомнено ќе биде успешна.
Пишува: Горан Стаменков