Добринко Илиевски е нов тренер на Брегалница!

Поранешниот селектор на младата репрезентација на Македонија, Добринко Илиевски - Пижон е именуван за нов шеф на стручниот штаб на ФК Брегалница.

Илиевски на клупата на штипјани доаѓа од ФК Кит Го откако Брегалница е преземена од познатиот стопанственик и спортски инвеститор Кирил Гогов, а во стручниот штаб ќе му помагаат досегашните соработници Александар Танчевски, Димитар Маџунаров и Љупче Колев како тренер на голманите.

„За мене огромно е задоволството што повторно се враќам во Брегалница, клуб со огромна традиција, клуб кој оставил силна трага во македонскиот фудбал. Задоволство е и што ја продолжувам соработката со спортски инвеститор каков што е Кирил Гогов, сега низ еден нов проект и амбиции за враќање на Брегалница на местото кое го заслужува во македонскиот фудбал“ - истакна Илиевски на промоцијата на клупата на „сините“.



Не е тајна дека со добивањето на новиот сопственик, Брегалница добива повеќе од сериозна организациска поставеност со која „сините“ се очекува на вистински начин да се вратат на македонската елитна фудбалска карта.

Поврзани вести