По одлуката на Советот на Општина Штип денеска и официјално заокружен целокупниот процес за продажба на ФК Брегалница. Познатиот македонски стопанственик и спортски инвеститор Кирил Гогов од денеска и официјално е нов сопстваник на ФК Брегалница со 51% од сопственичкиот удел, наспроти 49% кои остануваат во сопственост на Општина Штип.
„На задоволство на сите во Штип успешно е реализирана одлуката на Советот на општината за продажба на Брегалница која оди во рацете на Кирил Гогов како сопственик на клубот. Искрено, силно верувам во новиот сопственик кој може и умее да ја изгради Брегалница во фудбалски бренд кој успешно ќе се врати на прволигашката сцена. Да посакаме и сите заедно за две години 100-годишнината од постоењето на клубот да ја прославиме со настап во европските купови. Кирил Гогов е успешен бизнисмен кој не случајно минатата година беше прогласен за најдобар спортски работник на Штип. Сакам да информирам дека Општината и натаму ќе продолжи со поддршка на Брегалница“ – истакна градоначалниот на Штип, Благоја Бочварски на денешната прес-конференција на која официјално го претстави новиот инвеститор на ФК Брегалница.
Новиот сопственик Кирил Гогов истакна дека ќе бидат мобилизирани сите потенцијали кои ги нуди Штип за Брегалница повторно да биде клуб кој ќе игра значајна улога на домашната фудбалска сцена.
„Сакам Брегалница да клуб со кој сите заедно вистински ќе се гордееме. Политиката треба да ја оставиме на страна. Тука сме за спортски успеси на радост на сите во градот. Од срце ќе направам се Брегалница да се врати повторно во прволигашкото друштво, а потоа да размислуваме и за нешто повеќе во иднина“ – рече Кирил Гогов.
Фудбалерите на Брегалница во Пехчево, во хотел „Гогов“, веќе ги почнаа новите подготовки за следната сезона под палката на новиот шеф на стручен штаб, Добринко Илиевски – Пижон.