Брегалница запиша две ремија и еден триумф во првите три пријателски натпревари за време на летните подготовки пред стартот на новата сезона во Втората лига - Исток.
По ремито (1-1) со Работнички, „сините“ одиграа натпревар без голови на гостувањето против Симитли во Бугарија, за да во доминантна игра триумфот (2-3) пристигне на гостувањето против Силекс во Кратово. Шефот на стручниот штаб, Добринко Илиевски е задоволен од текот на подготовките и подготвеноста на екипата во оваа фаза.
„Навистина повеќе од добредојдени се овие тест натпревари низ кои забележавме нешта на кои ќе се работи наредниот период. Мора да истакнам дека за оваа фаза од подготовките навистина физичката подготовка е одлична а ангажманот на фудбалерите на навистина високо ниво. На трите натпревари бевме подобриот тим на теренот. Против Работнички и Симитли не искористивме одлични можности за гол и победите изостанаа., за да реализацијата се подобри на контролата со Силекс. Очекувани се и осцилации во играта во текот на 90 минути, но сето тоа останува да се надмине до почетокот на новата сезона“ - вели Илиевски.
Следниот пријателски натпревар на Брегалница е против Академија Пандев на 28. јули.