Со предност за реваншот во Скопје: Триумф против Македонија ЃП во првиот меч од осминафиналето во Купот

Брегалница со предност ќе го очекува реванш осминафиналниот натпревар во Купот на Македонија откако во првата меѓусебна средба во Штип сосема заслужено славеше против Македонија ЃП со 1-0 (0-0). Стрелец на единствениот гол за „сините“ беше Пепи Ѓорѓиев во 42. минута од натпреварот.

Првата шанса на мечот ја имаа гостите преку Јашаровски во 8. минута, но Талески одлично одбрани. Веднаш потоа следеше иницијатива на „сините“ па во 16. минута Мартин Стојанов од десно одлично нафрли а Наумов испрати убав шут кон гостинскиот гол, но Димовски одбива во корнер.

Во 27. минута и Бакрачески се обиде со шут од околу 18 метри, но за малку покрај голот на Македонија ЃП.

И тоа што не се реализира претходно, следи во 41. минута. Велинов нафрли во гостинскиот шеснаесетник, а Пепи Ѓорѓиев со глава од десеттина метри носи водство од 1-0.

Во второто полувреме нагласени обиди на гостите од Скопје да дојдат до израмнување. Во 60. минута волеј-удар на Емини но покрај голот на Брегалница. Во 65 минута и Фернандо Карваљо се обиде по брз контранапад да го лобува Талески, но топката завршува во дирекот од голот на „сините“.

Во 67. минута, Македонија ЃП остана со играч помалку откако директен црвен картон, по груб старт, заработи Благоја Спиркоски. Па, до крајот Брегалница комплетно ја контролираше играта и резултатот на крајот доведувајќи до триумф од 1-0.

Во судиското продолжение „сините“ можеа да дојдат и до поубедлива победа, но Тони Мичковски од извонредна позиција на десеттина метри пред голот на Македонија ЃП не се снајде најдобро, за конечни 1-0.

Реванш осминафиналниот натпревар се игра на 30. октомври во Скопје со почеток од 13:30 часот.



БРЕГАЛНИЦА - МАКЕДОНИЈА ЃП 1-0
Градски стадион во Штип. Гледачи: 1.000. Стрелец: Пепи Ѓорѓиев 41' (Б).


КУП НА МАКЕДОНИЈА - ОСМИНАФИНАЛЕ (први натпревари)
БРЕГАЛНИЦА - Македонија ЃП 1-0
Ак. Пандев - Осогово 3-0
Вардар - Шкендија 2-2
Пелистер - Работнички 1-1
Шкупи - Силекс 0-0
Тиквеш - Ренова 0-2
Лабуништа - Охрид 2-0
Борец - Струга ТЛ 0-0