Реми на гостувањето против Кит Го во Пехчево (1-1)

Фудбалерите на Брегалница ремизираа (1-1) на гостувањето против Кит Го во Пехчево, во последниот натпревар од 6. коло во Втората лига - Исток.

На натпреварот кој се одигра на Градскиот стадион во Пехчево, Брегалница беше подобра од почетокот на мечот. По неколку можности и убави акции на Наумов и Ѓорѓиев, погодокот следеше во 28. минута oткако Стојанче Велинов доби одлична длабочинска топка и се најде осамен пред голот на домашните, па рутински стрелаше ниско по земја за водство од 0-1.

Во продолжението фудбалерите на Кит Го се обидоа да дојдат до израмнување но „сините“ умешно ја чуваа предноста. Слично беше и во второто полувреме, без нагласени можности за погодок и на двете страни. Се до 71. минута кога по нафрлувањето од слободен удар од десната страна пред голот на Брегалница, стоперот Дарко Стојанов со глава неспретно ја затресе сопствената мрежа за израмнување, 1-1.

До крајот на натпреварот, „сините“ играа далеку поофанзивно, се обидоа да дојдат и до трите бода но сепак не успеаја да го загрозат противничкиот гол за конечни 1-1.

Во следното, 7. коло, од првенството Брегалница на домашен терен ја пречекува екипата на Победа.

КИТ ГО - БРЕГАЛНИЦА 1-1 (0-1)
Градски стадион во Пехчево. Гледачи: 500. Стрелци: Д. Стојанов 71'(аг) (КГ) - Велинов 28' (Б).