Фудбалерите на Брегалница денеска во Ѓорче Петров од 13:30 часот го играат реванш натпревар од осминафиналето во Купот на Македонија против Македонија ЃП.
Сосема е јасно дека противникот ја носи фаворитската улога во оваа пресметка, но „сините“ со предност од 1-0 од првиот натпревар во Штип патуваат денеска во Скопје. Огромна е желбата во таборот на Добринко Илиевски да се обезбеди место меѓу осумте најдобри екипи во Купот, но факт е дека ги чека повеќе од тежок натпревар во кој Македонија ЃП е, исто така, силно носена од амбицијата за пласман во четвртфиналето.
„Не очекува дуел со навистина силен противник за што доволно зборува првенствената табела во Првата лига. Имаме предност од првиот натпревар и тоа секако не обврзува да го дадеме максимумот за пласман понатаму во Купот. Постои огромна желба кај нас да се продолжи со ова натпреварување, верувам во квалитетна наша партија во Скопје па ќе видиме што тоа ќе донесе“ - вели шефот на стручниот штаб на Брегалница, Добринко Илиевски.
Боби Величков од Велес ќе биде главен делител на правдата на натпреварот, а ќе му помагаат Петар Новачев од Велес и Тоше Ицев од Кавадарци. Четврти судија ќе биде Игор Иванов од Велес. Делегат на мечот ќе биде Џевдет Далипи од Кичево, а контролор Драги Стојановски од Куманово.