Повторно без победник против Каменица Саса (1-1)

Брегалница и во вториот меѓусебен натпревар сезонава не успеа да дојде до победа против Каменица Саса. Во 13. коло од Втората лига - Исток „сините“ ремизираа (1-1) задржувајќи ја на тој начин втората позиција на табелата.

И покрај доминантната игра и бројните шанси на натпреварот составот на Добринко Илиевски ги испушти трите бода само поради погодокот на гостите во 92. минута од средбата.

Серијата можности во првото полувреме за Брегалница останаа неискористени, па на паузата се замина без предност за ниту една од екипите. Но, офанзивната игра на фудбалерите на нашиот тим вроди со плод во 53. минута кога по убавата акција до водство од 1-0 се стигна со автоголот на Виктор Марковски.

Рутински се одржуваше предноста до крајот на натпреварот. Но, кога се чинеше дека ќе се стигне до посакуваниот триумф, во 92. минута поранешниот фудбалер на Брегалница, искусниот Горан Здравков со прекрасен гол со шут од далечина донесе израмнување за Каменица Саса за конечни 1-1.

Во следното, 14. коло, Брегалница на 30. ноември ја очекува дерби пресметката со Тиквеш на гостински терен во Кавадарци.

ВТОРА ЛИГА - ИСТОК (13. КОЛО)
БРЕГАЛНИЦА - КАМЕНИЦА САСА 1-1 (0-0)

Градски стадион во Штип. Гледачи: 2.000. Стрелци: Марковски 53'(аг) (Б) - Здравков 92' (КС)