Отворена е желбата меѓу фудбалерите на Брегалница со позитивен резултат на гостувањето денеска во Кавадарци против Тиквеш, во дербито од 14. коло во Втората лига - Исток, да се заврши есенскиот дел од шампионатот.
Не е никаква тајна дека силно опстојува императивот за реванш против кавадарчани за оној незаслужен пораз од првата меѓусебна пресметка сезонава во Штип. Тимот на Добринко Илиевски, и покрај претходното реми со Каменица Саса, е подготвен за максимално издание преку кое ќе се дојде до бодови и покрај тоа што е јасно дека Тиквеш пред домашната публика силно ќе атакува на триумфот.
Јосип Бартон од Скопје ќе ја дели правдата на дерби пресметката а ќе му помагаат Дарко Јовчевски и Фатон Мустафи од Тетово. Четврти судија ќе биде Пларент Салихи, исто така од Тетово. Делегат на мечот ќе биде Антонио Насевски од Кратово, а контролор - Миле Стојчевски од Скопје.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Брегалница на Градскиот стадион во Кавадарци се игра со почеток од 13 часот.
ВТОРА ЛИГА - ИСТОК, 14. КОЛО (денеска, 13 ч.)
Тиквеш - Брегалница
Каменица Саса - Кожуф
Беласица - Плачковица
Кит Го - Питу Гули
Победа - Осогово