Надежите на Брегалница ја победија Црвена Звезда на тестот во Охрид

Младите фудбалери на Брегалница, генерација 2003, запишаа извонредна победа од 2-0 (0-0) против балканскиот фудбалски гигант, белградска Црвена Звезда, на пријателскиот натпревар кој денеска се одигра во Охрид.

Во далеку подобра игра од белграѓани, штипските надежи во чиј состав имаше момчиња и од генерација 2004, предводени од тренерите Драган Арсовски и Иван Варадиновски славеа триумф со головите во второто полувреме на Марио Митев и Љупче Кудев.

„Сините“ комплетно го надираа противникот заслужувајќи и поубедлив триумф, потврдувајќи дека се работи за одлична генерација која, без сомнение, е иднина на штипскиот фудбал.




Брегалница на дуелот против Црвена Звезда настапи во следниот состав: Павел Цветков, Филип Донев, Камил Георгиев, Кристијан Јорданов, Дарко Михајлов, Јован Дојчинов, Марио Митев, Матеј Георгиев, Борче Гогов, Љупче Кудев и Бранко Ангелов. Уште играа: Стефан Спиридонов, Марио Стефановски, Иван Мастев, Филип Хубртев, Филип Анастасовски и Бојан Стефановски.

Комплетната фудбалска академија на Брегалница, предводена од координаторот Борче Постолов, бележи извонредни резултати сезонава во домашните лиги. Генерацијата 2003 е убедливо прва во првенството без ниту еден пораз. Во сабота стартуваат и пинерско-младинските првенства во македонскиот фудбал. Брегалница во првото пролетно коло се соочува со Ренова.