Фудбалската федерација на Македонија попладнево информираше дека се прекинуваат сите фудбалски првенства во земјава на неодреден период. Со тоа и натпреварувањето од Втората лига - Исток, што значи дека дополнително ќе биде закажано и одигрувањето на дербито со Беласица кое требаше да се игра во сабота (14. март) во Штип.
СООПШТЕНИЕТО ОД ФФМ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
Натпреварувачката комисија во рамки на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука за прекин на неодредено време на Националниот шампионат од Прва и Втора МФЛ, потоа Третите лиги од МФЛ, како и натпреварите од женскиот шампионат и првенството во футсал.
Одлуката е донесена по последните препораки и забрани од Министерството за здравство за превенција од вирусот COVID - 19, кои опфаќаат забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на обемот и бројката на учесници - концерти, театри, кина, спортски сали, теретани.
Претходно, согласно препораките и забраните од Владата на Македонија за превенција од вирусот COVID - 19 , Комисијата за младински фудбал донесе одлука сите натпревари од младите категории и натпреварите од Детските лиги на ФФМ да се суспендираат во наредните две седмици.