Фудбалерите на Брегалница тестирани на Ковид-19, од утре враќање на тренинзите (ФОТО)

Фудбалерите, стручниот штаб и членовите на раководството на ФК Брегалница денеска ги реализираа неопходните тестови на Ковид-19, пред продолжување на тренажниот процес за крај на фудбалската сезона во нашава земја.

Медицински лица на Аџибадем Систина ги извршија тестовите обезбедени од страна на Синдикатот на фудбалери на Македонија, по што од утре официјално продолжуваат и тренинзите на Брегалница во очекување на полуфиналето од Купот на Македонија.

„Благодарност до Синдикатот на фудбалери и Аџибадем Систина за реализираните тестови, како начин за превентива од Ковид-19. Брегалница максимално го почитува протоколот зацртан од Фудбалската федерација на Македонија, со максимална одговорност и на секој поединец за почитување на превентивните мерки. Тренинзите во помали групи почнуваат веќе од утре“ - вели Извршниот директор на Брегалница, Емил Тодев.

ФК Брегалница е во очекување и на одлуката од страна на ФФМ за начинот на завршување на сезоната во второлигашката конкуренција, како и системот и форматот на натпреварување во најсилната лига за следната 2020/2021 сезона.

Галерија