Нереализиран пенал, залудна доминација - Брегалница елиминирана од Беласица

И покрај надмоќната игра, но со нереализиран и пенал и нереализирани бројни шанси, Брегалница ги заврши сезонава своите настапи во Купот на Македонија откако во осминафиналниот натпревар загуби на Градскиот стадион во Штип од прволигашот Беласица со 0-1.

А, одлично прво полувреме одиграа „сините“ по кое мораше со предност да заминат на пауза. Но, уште во 2. минута Мартин Стојанов не реализираше пенал откако самиот беше соборен од гостинскиот голман. Стојанов го погоди дирекот од противничкиот гол по ударот од белата точка.

Но, тоа не ги обесхрабри избраниците на Добринко Илиевски кои продолжија со одличните акции. Но, Наумов не искористи одлично проигрување од Додев во 9. минута, потоа одлични шанси имаа и Дарко Стојанов и Ацковски, но гостинскиот голман Димитар Ѓоргиев одлично бранеше не дозволувајќи негатива за својот тим.

Во второто полувреме, тоа што Брегалница не го искористи во првото, Беласица успеа да го казни. По голема грешка на младиот голман Денковски во 50. минута, кој истрча на 25 метри пред својот гол, но ја загуби топката од Милушев, Бразилецот во редовите на Беласица, Робсон Да Силва лесно погоди од 15 метри во празниот гол за 0-1.

Во продолжението повторно далеку подобра игра на Брегалница на теренот, се редеа шанси пред голот на струмичани, но останаа нереализирани од Мартин Стојанов, Ацковски, Кудијан... На крајот, за пораз од 0-1 и елиминација во Купот на Македонија.

КУП НА МАКЕДОНИЈА - ОСМИНАФИНАЛЕ
БРЕГАЛНИЦА - Беласица 0-1 (0-0)

Градски стадион во Штип. Натпревар без публика. Стрелец: Да Силва 50' (Бел)