Бакрачески: Од секој натпревар извлекуваме поуки, наш приоритет е секако првенството

По завршувањето на активностите во Купот на Македонија, фудбалерите на Брегалница повторно максимално се насочуваат кон натпреварите од шампионатот во Втората лига - Исток кои, без сомнение, се основниот приоритет низ актуелната сезона.

Извлечени се поуки од поразот од прволигашот Беласица, а јасно е дека сето тоа е искуство повеќе за начинот на кој треба да се продолжи низ натпреварувањето до крајот од есенскиот дел во првенството. Веќе утре од 14:30 часот на Градскиот стадион во Штип, „сините“ ги чека натпреварот со новиот второлигаш Росоман.



„И поразите се еден вид победа за тимот. Јас така го разбирам натпреварувањето. Играта се состои од исчекување, се до последните мигови не знаеме како на крајот ќе биде исходот. Така се случи на гостувањето во Прилеп да постигнеме гол за победа во последната секунда. Победуваме, но и губиме. Против Беласица во Купот на Македонија, пак, имавме многу шанси но малку среќа. Сепак, од тој натпревар извлекуваме многу поуки, затоа што во секој случај првенството е нашиот прв приоритет. Неуморно се подготвуваме за секој следен натпревар, максимално сме фокусирани на првенството и нашите цели и секако се надеваме на нови позитивни резултати“ - вели фудбалерот од средниот ред, Наумче Бакрачески пред утрешната средба.