Османоски: Седум бода предност на врвот доволно кажуваат за нашиот максимален пристап на патот до крајната цел

Брегалница со убава предност од седум бода на врвот ја заврши есенската полусезона во Втората лига - Исток.

Сето тоа на задоволство на сите навивачи на „сините“, но и како обврска повеќе за фудбалерите и пролетната сезона да ја одиграат на ист начин, и далеку помотивирано на патот кон крајната цел. 

„Со победата против Слога на најдобар можен начин го завршивме есенскиот дел од сезоната. Мислам дека сите може да бидеме задоволни од полусезоната, со седум бода предност на врвот. Сето тоа кажува дека бевме максимално сериозни низ сите натпревари од првата етапа затоа што нашите амбиции се секако влез во Првата лига. Сега сме на половина пат, но верувам на ист начин и уште помотивирано ќе ја одиграме и втората полусезона затоа што нашата цел, како подарок за сите навивачи, е прволигашката промоција“ - вели Анес Османоски кој беше двоен стрелец во последната победа од 1-3 на гостувањето против Слога во Виница.

Фудбалерите на Брегалница, и по крајот на есенскиот дел, до среда продолжуваат со тренинзите во Штип. Потоа следи заслужениот одмор до 9. јануари за кога шефот на стручниот штаб Марјан Секуловски ја планира првата прозивка на стартот од подготовките за пролетниот дел од сезоната.