ДОМИНАНТНА СЕЗОНА - 23 победи и само четири ремија за влез во Првата лига (ФОТО)

Фудбалерите на Брегалница го добија шампионскиот пехар за сезоната 2020/2021 во Втората македонска фудбалска лига – Исток, откако го обезбедија првото место и пласманот во елитата уште пред две рунди.

„Сините“ на доминантен начин ја завршија сезоната со убедлива победа од 5-0 во последното коло против Тиквеш. Дарко Додев во финишот на првото полувреме донесе предност од 1-0, а во второто полувреме стрелаа уште и Марио Наумоски, Ристе Наумов, Јован Манев и Љупче Кудев за конечни 5-0.



Основните амбиции на Брегалница на стартот од сезоната беа пласман во Првата лига. Сето тоа е остварено без ниту еден пораз, со 23 победи и само четири ремија што е потврда на желбата и амбициите да се биде повеќе од сериозен прволигаш и следната сезона во елитата.



Пехарот на шампионите на Истокот денеска им го додели претседателот на ОФС Штип и член на УО на ФФМ, Димитар Џонов.