Триумф над лидерот Академија Пандев во драматична завршница во Штип

Фудбалерите на Брегалница ја запишаа првата победа во новата сезона во Првата македонска фудбалска лига. По четири ремија, „сините“ во Штип во 5. коло славеа против лидерот Академија Пандев во супер-драматична завршница со 3-2.

Триумфот против „пандевци“ беше овозможен со трите погодоци на летните засилувања Никола Ескиќ, Милан Ѓокиќ и Марјан Алтипармаковски.

Академија Пандев поведе со 0-1 со убавиот погодок на Велиновски уште во 17. минута од средбата. По ова водство на противникот следеше далеку поагресивна игра на составот на Марјан Секуловски на средината од теренот, со што се редеа неколку убави можности за погодок кои останаа неискористени уште во првото полувреме.



Но, заслуженото израмнување следеше во 66. минута кога Никола Ескиќ убаво запре една топка на 15 метри и мајсторски од свртување погоди ниско по земја за 1-1.

Сепак, Академија Пандев брзо дојде повторно до водство преку Мартин Мирчевски во 73. минута по еден брз контранапад. Нововлезениот Милан Ѓокиќ во 83. минута извонредно реагираше од 16 метри и луцидно смести во мрежата на струмичани за ново израмнување (2-2).

И покрај израмнувањето „сините“ не се задоволуваа само со бод, па со силна офанзива во финишот од средбата следеше победата во третата минута од судиското продолжение кога Марјан Алтипармаковски беспрекорно реагираше на една одбиена топка од гостинската одбрана, и откосо од 12 метри прецизно смести за триумф од 3-2.

ПМФЛ - 5. КОЛО
БРЕГАЛНИЦА - Ак. Пандев 3-2 (0-1)

Градски стадион во Штип. Судија: Александар Ставрев (Скопје). Стрелци: Ескиќ 66', Ѓокиќ 83', Алтипармаковски 90'+3 (Б) - Велиновски 17', Мирчевски 73' (АП).