Сигурен триумф против Тиквеш: Алтипармаковски и Додев за победа од 2-0!

Фудбалерите на Брегалница ја запишаа и втората победа во новата сезона од Првата македонска фудбалска лига, повеќе од заслужено триумфирајќи со 2-0 против Тиквеш во 7. коло од шампионатот.

Од самиот почеток на натпреварот „сините“ доминираа на терен отворено демонстрирајќи ја желбата за три бода. Офанзивната игра од стартот ја донесе веќе во 13. минута првата шанса за избраниците на Марјан Секуловски. Додев нафрли од слободен удар од левата страна, но на вториот дирек за малку пократок Бакрачески не успевајќи да ја зафати топката. Во 37. минута Додев се обиде со шут од околу 16 метри да го изненади противничкиот голман, но сантиметри спречија водство на Брегалница.

Откако не беа реализирани шансите во првото полувреме, низ првите минути од второто полувреме следеше и првиот погодок на „сините“. По корнерот од левата страна, Марјан Алтипармаковски во 49. минута на неколку метри пред голот на Тиквеш, непречен од никого, рутински сместува за 1-0.

И покрај водството, фудбалерите на Брегалница продолжија со контролата на играта на средината од теренот. Сето тоа донесе убав погодок за Дарко Додев во 69. минута кој по одличната асистенција на Маневски од левата страна, од пеналтикот прецизно ниско по земја стрелаше за 2-0.

До крајот „сините“ само рутински ја одржуваа предноста за конечна победа од 2-0.

ПРВА ЛИГА - 7. КОЛО
БРЕГАЛНИЦА - ТИКВЕШ 2-0 (0-0)

Градски стадион во Штип. Стрелци: Алтипармаковски 49', Додев 69' (Б).