Неискористени шанси, нереализиран и пенал, па убедлив пораз од Шкупи (ФОТО)

Брегалница убедливо загуби со 5-0 (3-0) на гостувањето против лидерот Шкупи во Скопје во дербито на 12. коло од Првата македонска фудбалска лига. Чаирчани заслужено стигнаа до убедливиот триумф, иако согласно случувањата на теренот триумфот е преубедлив кој воопшто не одговара согласно прикажаното на стадионот на Чаир, ако се знае дека Брегалница не успеа да реализира најмалку пет 100% можности за гол. Кристијан Наумовски беше извонреден на голот на Шкупи спречувајќи најмалку три 100% шанси за Брегалница уште во првото полувреме и плус со одбранет пенал на Марјан Алтипармаковски во 54. минута.

Фудбалерите на Марјан Секуловски одлично го почнаа натпреварот уште во 2. минута со 100% шанса. Ескиќ убаво шутираше но домашниот голман Наумовски со крајни напори спречи водство на „сините“.

По таа шанса, во продолжението се беше во знакот на домашните фудбалери кои го диктираа ритамот на теренот, па во 8. минута Цветановски погоди за водство од 1-0. По уште неколку шанси за Шкупи, во 28. минута по корнерот од левата страна Руатубјае со глава зголеми на 2-0.

Тоа водство на Шкупи како да го разбуди нашиот тим, па во 32. минута Мартин Стојанов извонредно шутираше од 25 метри а Наумовски повторно брани исфрлајќи во корнер. По корнерот нова мешаница пред голот на чаирчани, втор обид на Стојанов со шут од 20 метри, но овој пат покрај голот.



Веќе во 36. минута нова шанса за Брегалница. Сега Алтипармовски во извонредна позиција, но во последен момент блокираше домашната одбрана. Веќе во 37. минута нова 100% шанса за Брегалница. Даниел Мојсов со глава по корнерот на Додев, но Наумовски од под самата греда брани на гол-линија исфрлајќи во корнер.

И кога не се користат шансите, следеше казната на спротивната страна. По брз контранапад, Цветановски го проигра Адетунџи Сандеј кој со глава од непосредна близина погоди за 3-0 на полувремето.

„Сините“ далеку поактивно го почнаа второто полувреме со доминација на терен. Во 51. минута две одлични можности најпрво за Ескиќ кој шутираше од 20 метри, а потоа и на нововлезениот Муарем кој на одбиената топка шутира од 12 метри, но двојна одбрана на Наумовски. Сепак, доминацијата вроди со плод во 54. минута кога беше досуден пенал за Брегалница откако беше соборен Мартин Стојанов во домашниот шеснаесетник. Но, Алтипармаковски не го реализираше ударот од белата точка кој му го одбрани Кристијан Наумовски.

И кога не се реализираат шансите и од пенал, на спротивната страна повторно казни. Цветановски во 59. минута по грешка на одбраната за водство од 4-0, а во 64. минута и Алварез со убав погодок со шут од 22 метри зголеми на 5-0, што на крајот и беше конечен резултат на натпреварот. На крај Наумовски во 91. минута уште еднаш одбрани на самата гол-линија не дозволувајќи заслужен погодок за „сините“.

ПМФЛ - 12. КОЛО
ШКУПИ - БРЕГАЛНИЦА 5-0 (3-0)

Стадион на Чаир во Скопје. Стрелци: Цветановски 8', 59', Руатубјае 28', Адетунџи 40', Алварез 64' (Ш).