Брегалница зад себе го остава натпреварот со Шкендија сега максимално фокусирајќи се на новиот предизвик, утрешниот дуел од 15. коло против Борец на Градскиот стадион во Штип.
По минималниот пораз „сините“ посакуваат враќање на победите, иако апсолутно никој не планира потценување на утрешниот противник.
„Го оставивме зад нас натпреварот со Шкендија од кој мислам дека заслуживме бод, одигравме квалитетно второ полувреме во кое сигурно можевме до погодок. Но, сето тоа е минато и сега целосно сме фокусирани на мечот со Борец. Не чека нов тежок натпревар, затоа што и на Борец му се неопходни бодовите. Но, ние имаме свои цели ова првенство на секој натпревар, верувам дека ќе одиграме квалитетно и ќе ги израдуваме уште еднаш нашите навивачи“ - вели крилниот офанзивец на Брегалница, Мартин Стојанов.
Натпреварот меѓу Брегалница и Борец од 15. коло во Првата македонска фудбалска лига се игра утре со почеток од 13 часот на Градскиот стадион во Штип.