Пресврт-триумф против Борец за нови големи три бода!

Брегалница повторно се врати на победите во Првата македонска фудбалска лига, и тоа на извонреден начин со пресврт-триумф од 2-1 против Борец во 15. коло.

Штипските „сини“ на Градскиот стадион во Штип имаа повеќе од тежок противник кој целосно беше ориентиран на тотална дефанзива, посебно по брзото неочекувано водство од 0-1 уште во 4. минута кога Крста Ѓорѓевиќ стрелаше по еден брз контранапад.

По тоа водство велешани беа целосно насочени единствено кон одбраната што ги отежнуваше обидите на офанзивците на Брегалница, и покрај постојаните напади посебно и по влегувањето на Ѓокиќ во 11. минута. Но, целосната доминација вроди со плод во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме, кога Кристијан Ацковски со убав шут од 20 метри ја погоди мрежата на гостите за 1-1 на полувремето.

Во второто полувреме продолжи целосната инцијатива на избраниците на Марјан Секуловски, наспроти дефанзивата на Борец кои се бранеа на 30 метри од својот гол со сите свои фудбалери. Сепак, „бункерот“ на гостите беше срушен во 79. минута кога Марјан Алтипармаковски извонредно со глава од десеттина метри ефектно погоди за 2-1, и сосема заслужени нови три бода за „сините“.

ПМФЛ - 16. КОЛО
БРЕГАЛНИЦА - БОРЕЦ 2-1 (1-1)

Градски стадион во Штип. Стрелци: Ацковски 45'+1, Алтипармаковски 79' - Ѓорѓевиќ 4'