Реми (1-1) со азербејџанска Зира на вториот тест во Анталија

Фудбалерите на Брегалница одиграа без победник, 1-1, против азербејџанскиот суперлигаш Зира на вториот пријателски натпревар за време на подготовките во Анталија.

На дуелот кој се одигра во Белек, избраниците на Илчо Ѓорѓиоски доминантно го почнаа натпреварот па веќе во 5. минута преку Владимир Дујовски „сините“ поведоа со 0-1. Сепак, противникот израмни со погодокот на Волков во 14. минута.

Во продолжението од првиот дел и низ второто полувреме Брегалница имаше многу повеќе од играта од противникот. Далеку подобри беа „сините“, создавајќи и најмалку пет 100% шанси за погодок преку Мартин Стјановски, Додев, Алтипармаковски и Живуљиќ, но на крајот резултатот остана непроменет, за конечни 1-1.



Шанса на натпреварот добија буквално сите расположиви играчи во составот на Илчо Ѓорѓиоски.

Како што е познато, на првиот тест-дуел во Анталија „сините“ славеа со 1-0 против рускиот Кубан Краснодар. Следниот пријателски натпревар е на 27. јануари против украинскиот Металист од Харков.