Брегалница ја очекува и втор едноподруго гостински натпревар на стартот од пролетниот дел од шампионатот во Првата македонска фудбалска лига.
По ремито на гостувањето против Струга ТЛ, сега „сините“ ги чека повеќе од тешко гостување против Македонија ЃП, тимот кој со две победи го стартуваше пролетниот дел од сезоната.
Младинскиот репрезентативец Јован Манев верува дека, на утрешниот натпревар во Ѓорче Петров, тимот ќе одигра максимално квалитетно во желбата за позитивен резултат.
„Одигравме добар натпревар во Струга, беше тоа тешко гостување на кое победата ја испуштивме на крајот. Сега не очекува уште едно тешко гостување во Ѓорче Петров против Македонија ЃП, тим кој е навистина одличен и максимално го почитувме. Но, мора да дадеме се од себе за позитивен резултат. Свесни сме дека имаме квалитетен тим кој може да се надигрува со секого, и тоа треба да го покажеме на терен на утрешниот натпревар“ - вели Манев.
Натпреварот меѓу Македонија ЃП и Брегалница се игра утре (26. февруари) со почеток од 14 часот на стадионот во Ѓорче Петров во Скопје.