Платени сопствените грешки со пораз од Македонија ЃП

Фудбалерите на Брегалница загубија на гостувањето против Македонија ЃП со 2-1 (2-0) во 21. коло од Првата македонска фудбалска лига, во натпревар многу сличен како против Ренова на стартот од пролетната сезона кога „сините“ беа многу подобар противник на терен но губат поради сопствените грешки.

A, „сините“ одлично го почнаа мечот со континуирана иницијатива на половината на домашните. Веќе во 17. минута убава можност имаше Георгиев но неговиот шут од 20 метри заврши за малку покрај левиот дирек од голот на Македонија ЃП. Само осум минути подоцна во одлична шанса и Мартин Стојанов но неговиот шут од 16 метри го брани чуварот на мрежата на домашните.

И кога не беа реализирани шансите, потоа во само пет минути две катастрофални грешки во одбраната кои ги искористија фудбалерите на Македонија ЃП. Најпрво во 36. минута киксираше Ацковски како последен играч пред голот на Денковски, а тоа го искористи Попзлатанов и погоди за 1-0. Во 41. минута, по десната страна се лизна Азиновиќ, Попзлатанов експресно продре нафрли пред голот на Брегалница каде на вториот дирек Костоски од непосредна близина погоди за 2-0.

Македонија ЃП од два напади, по две грешки на Брегалница, дојде до два гола кои се покажаа пресудни за победата. Во второто полувреме следеше нова офанзивна игра на „сините“, па во 53. минута Додев нафрли од корнер а Ѓокиќ беше највисок во скокот со глава за намалување на предноста на 2-1. До крајот нашите фудбалери редеа напади пред голот на домашните, но погодок за израмнување изостана.

ПРВА ЛИГА - 21. КОЛО
МАКЕДОНИЈА ЃП - БРЕГАЛНИЦА 2-1 (2-0)

Стадион во Ѓорче Петров. Стрелци: Попзлатанов 36', Костоски 41' (МЃП) - Ѓокиќ 53' (Б)