Фудбалерите на Брегалница одиграа повеќе од квалитетен натпревар на гостувањето против Македонија ЃП во 27. коло од Првата македонска фудбалска лига, меѓутоа само поради новите судиски грешки на штета на „сините“ останаа без заслужената победа.
Сепак, тоа што беше очигледно за сите присутни на стадионот во Ѓорче Петров по досудениот непостоечки пенал за Македонија ЃП во 78. минута со кој дојдоа до конечни 1-1, не е очигледно и за Судиската комисија на ФФМ која во својата анализа оцени дека: „проценката на судијата за досуден удар од 11 метри е исправна“. Сето тоа испровоцира реакција и од шефот на стручниот штаб на Брегалница, Илчо Ѓорѓиоски кој истакнува дека токму таквиот однос од страна на Судиската комисија само дополнително го подгрева револтот и сомнежите за тенденциозност во бројните судиски грешки кои оваа пролет го товарат македонскиот фудбал.
„Сакам да биде јасно дека ниту Брегалница ниту лично јас апсолутно никогаш досега не сме коментирале судење. И така ќе беше веројатно и после вчерашниот натпревар во Ѓорче Петров, да не беше онаа смешна кратка анализа од страна на Судиската комисија која само го проширува просторот за констатација дека свесно и тенденциозно се штитат погрешни судиски одлуки, во полза на одредени а на штета на други клубови. И сега веќе се поставува прашањето, како судиската комисија дава оценка (Ренова) пред и контролорот да даде оценка на судењето и дали со тоа се прави притисок на контролорите и судиите. Веќе неизбежно прашање е и како некои судии судат речиси на секој втор натпревар на одредени клубови, а ги има бројни примери. Дали одредени клубови сами си ги бираат судиите?“ - вели Илчо Ѓорѓиоски.
* Нема контакт врз фудбалерот на Македонија ЃП, неоправдано досуден пенал на вчерашниот натпревар за домаќините
Од стручниот штаб на Брегалница, нагласуваат дека последниот случај во Ѓорче Петров на штета на клубот, е само еден од низата оваа пролет за кои претходно никогаш не сакаа да реагираат.
„Токму таквиот сега веќе очигледно инструиран однос на Судиската комисија не испровоцира да ги издвоиме сите судиски грешки оваа пролет кои директно влијаеја на резултатите на Брегалница. Ќе повторам, ние грешките прво ги бараме кај нас и не сакајќи да бараме алиби. Не реагиравме досега, но ова ја мина секоја граница. Поништен чист гол за Брегалница на првиот натпревар со Ренова, недосуден очигледен пенал против Пелистер во Битола за кој и домаќините сами беа свесни дека е удар од 11 метри, жолт картон за Мојсов против Ренова во ситуација во која апсолутно нема ниту прекршок, а потоа добива и втор жолт (оправдан), но имаме незаслужено исклучување. На истиот меч исклучен е Додев поради наводен обид за глума на прекршок, во ситуација кога има контакт. Се се тоа грешки кои Брегалница ја чинат најмалку 9 бода, и кои во многу нешта ќе ја променеа ситуацијата во шампионатот“ - истакнува Ѓорѓиоски, според кого сите овие случувања иницираат револт кај сопствениците на клубовите кои се прашуваат дали вреди да се издвојуваат средства за фудбалот.
„И по реакциите на голем број клубови оваа пролет очигледно е дека со овој начин на работа се откажуваат и потенцијалните вложувачи во клубовите, и се демотивираат и оние малку кои вложуваат. Се прашува ли некој зошто реагираат инвеститорите од Тиквеш, Вардар, Пелистер? Се запрашал ли некој зошто се намалуваат вложувањата во Академија Пандев? Во времето кога бев на чело на ФФМ, Вардар и Шкендија беа со највисоки буџети на еден клуб воопшто во историјата на македонскиот фудбал, и со силни успеси во Европа. Сега со намалени вложувања и буџети во Шкендија, со избркани инвеститори од Вардар..., се запрашал ли некој зошто е тоа така? Пред почетокот на последните неколку сезони гласно се зборуваше кој на која позиција ќе заврши во првенството, кој со шампионска титула кој со излез во Европа. И видете 'чудо', се тоа се оствари. И за следната сезона веќе е во оптек изгледот на табелата. Затоа се поставува прашањето дали клупскиот фудбал стана приватна забава на 3-4 клуба кои имаат отворена поддршка од ФФМ“ - вели Илчо Ѓорѓиоски.