По одличното издание против Македонија ЃП на гостувањето во Ѓорче Петров, низ максимално оптимистична атмосфера фудбалерите на Брегалница го очекуваат неделниот натпревар против една од најдобрите екипи во лигата, Шкендија во 28. коло од Првата македонска фудбалска лига.
„Сините“, по завршената реконструкција на теренот во Штип, против Шкендија повторно се враќаат на својот стадион носени од желбата да се повтори играта од Ѓорче Петров но сето тоа да се заокружи и со триумф против фаворитот.
„Сигурно против Шкендија ќе биде тежок натпревар. Посакуваме да се претставиме во најдобро светло, и ако го повториме натпреварот против Македонија ЃП убеден сум дека може да триумфираме против Шкендија“ - вели капитенот на Брегалница, Даниел Мојсов.
Според еден од најдобрите фудбалери на Брегалница, изминатава недела е работено максимално активно, верувајќи дека ќе бидат искористени слабите страни во играта на противникот за да се дојде до посакуваните бодови.
„Навистина ја респектираме Шкендија, знаеме кои се нивни добри и лоши страни, детални ги анализиравме и се надевам дека ќе ги стопираме нивните појаки страни, а од ќе ги искористиме слабостите кои ги демонстрираат во играта за да дојдеме до позитивен резултат. Согласно и анализите од стручниот штаб, ние си имаме свои замисли, одлично работевме изминатава недела па очекувам квалитетна игра. Се надевам и очекувам да има фер и коректно судење, па нека победи подобриот!“ - дополнува Мојсов.
Натпреварот меѓу Брегалница и Шкендија се игра во недела (17. април) со почеток од 16 часот на Градскиот стадион во Штип.