Шкендија надиграна, на крај реми без голови

Фудбалерите на Брегалница одиграа уште еден квалитетен натпревар во домашниот шампионат, поблиску до победа но ремизирајќи на крај без голови на дуелот против Шкендија во 28. коло од Првата македонска фудбалска лига.

На враќањето на својот стадион во Штип, „сините“ го надиграа фаворитот но на крај не успеаја да стигнат до трите бода. Низ квалитетниот прв дел останаа нереализирани шансите на Додев, Стојанов и Ѓокиќ во обидите да се загрози противничкиот голман.

Во второто полувреме уште подобра игра на избраниците на Илчо Ѓорѓиоски, кој во серија го загрозуваа противничкиот гол. Најголемата шанса ја имаше Дамњановиќ во 71. минута кога по соло продор се најде во одлична позиција од десеттина метри пред голот на Шкендија,но неговиот удар го одбрани Захов.

Сепак, дуелот го одбележаа и неколку спорни моменти на штета на Брегалница кои можеа да го променат конечниот исход. Уште во 3. минута од средбата Додев се најде осамен пред голот на гостите во 100% шанса за погодок, беше соборен, но зачудувачки според главниот судија не само што немаше очигледен црвен картон, но не досуди ниту прекршок за „сините“. Во второто полувреме, пак, имаше и прекршок над Георгиев во гостинскиот шеснаесетник, но повторно зачудувачки без било каква судиска реакција.

ПРВА ЛИГА - 28. КОЛО
БРЕГАЛНИЦА - Шкендија 0-0

Градски стадион во Штип. Главен судија: Трпчевски (Кавадарци).