Стојанов: Заслуживме повеќе на претходните два дуели, но тоа ни донесе голем мотив за надигрување и со Академија Пандев

„Сините“ денеска гостуваат во Струмица против Академија Пандев во 29. коло од Првата македонска фудбалска лига, во уште еден сериозен дуел против еден од најдобрите тимови во елитното друштво.

По двете претходно квалитетни изданија, против Македонија ЃП и против Шкендија, во кои покажаа дека се рамноправни и подобри и од водечките тимови во лигата, сега избраниците на Илчо Ѓорѓиоски ги очекува уште еден тест на квалитетот.

„Жал ни е што не извлековме повеќе од претходните два натпревари, затоа што според играта заслуживме многу повеќе од ремија. Но, понекогаш е неопходна и среќата во фудбалот. Чувствуваме дека играме се подобри и дека може рамноправно да се надигруваме со секој противник. Па, така ќе биде и против Академија Пандев иако е јасно дека ќе биде тежок натпревар затоа што противникот се бори за европски излез. Но, ние се фокусираме на самите себе и сигурно посакуваме нов квалитетен натпревар и бодови“ - вели крилниот офанзивец на „сините“, Мартин Стојанов.

Натпреварот меѓу Академија Пандев и Брегалница се игра денеска со почеток од 16 часот на стадионот „Младост“ во Струмица. Главен судија на натпреварот ќе биде Марјан Ецкоски од Охрид.