Фудбалерите на Брегалница со гостувањето против Скопје денеска од 17 часот во Автокоманда ја затвораат актуелната прволигашка сезона.
Сосема е јасно дека желбата кај избраниците на Илчо Ѓорѓиоски е максимално позитивно да се заврши сезоната, со квалитетно издание на терен и позитивен резултат како заокружување на сезоната во која по пет години Брегалница повторно се врати во елитата.
„За последниот натпревар во сезоната, иако резултатски без значење, се подготвуваме максимално сериозно како и за секој натпревар претходно. Верувам дека ќе биде интересен дуел, отворено и фудбалски, допадлив за навивачите. И секако посакуваме со позитивен резултат да ги израдуваме нашите навивачи за крај на сезоната“ - вели десниот бек на „сините“, Стефан Коцев.
Натпреварот меѓу Скопје и Брегалница од 33. коло во Првата македонска фудбалска лига се игра денеска од 17 часот на Автокоманда во Скопје.