По крајот на сезоната 2021/2022, првата прволигашка по цели пет години второлигашко дејствување на „сините“, ФК Брегалница се одлучи за завршување на соработката со седум фудбалери.
Со завршувањето на сезоната 2021/2022 завршија и договорите со клубот за голманот Илче Петровски, дефанзивците Наумче Бакрачески, Филип Миленковски и Хрватот Диего Живулиќ, и фудбалерите од средниот ред Владимир Дујовски, Бобан Георгиев и Кристијан Ацковски. По меѓусебните разговори, со крајот на натпреварувачките активности, со дел од нив не е договорена натамошна соработка а за некои од нив одлучено е да не се понудат нови договори, согласно и амбициите на клубот за следната сезоната кои се на едно повисоко ниво.
„Секој од фудбалерите со кои ја завршуваме соработката силно е врежан во историјата на клубот. Затоа искрено им заблагодаруваме на досегашниот нескриен придонес за резултатите и развојот на клубот, притоа посакувајќи им многу среќа и здравје низ натамошниот дел од кариерата“ - вели спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев.
За ФК Брегалница наредниов период ќе следи комплетно преструктурирање во играчките редови како тимот максимално подготвено би го дочекал стартот на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.