Поранешниот македонски репрезентативец Горан Силјановски ново засилување на Брегалница

Поранешниот македонски репрезентативец Горан Силјановски е најновото засилување на Брегалница за новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.

„Сините“ денеска официјално потпишаа договор со 31-годишниот крилен дефанзивец кој доаѓа од редовите на еден од најтрофејните албански клубови Динамо Тирана, каде настапуваше изминативе две сезони.

Силјановски претходно во својата кариера има настапи и за Македонија ЃП, Вардар, Тетекс, Ренова и Работнички во македонскиот шампионат. Низ својата богата кариера, во која има и бројни трофеи на домашната сцена, има и 21 настап за младата репрезентација на Македонија, како и четири официјални настапи за А-репрезентацијата на Македонија.



Низ досегашниот преоден рок Брегалница се засили и со долгогодишниот капитен на Борец, фудбалерот од средниот ред Ѓорѓи Ѓорѓиев, левокрилниот дефанзивец Александер Борха Кордоба како и црногорскиот голман Немања Шчекиќ.