Евро-гол на Додев, Брегалница ја освои Струмица на стартот од сезоната (ФОТО)

Брегалница, согласно своите посакувања, ја стартуваше со победа новата сезона во Првата македонска фудбалска лига повеќе од заслужено триумфирајќи со 1-2 на гостувањето против Академија Пандев во Струмица.

Брегалница беше многу подобар противник уште низ првите 45 минути на натпреварот. Се почна одлично со активен напад во првите десет минути од средбата, низ кои избраниците на Илчо Ѓорѓиоски имаа и три корнери, но не успеа да се искористи надмоќноста во однос на домашните.

Па, во 16. минута следеше казната. По нафрлувањето од прекин, Јоковиќ оставен сам на вториот дирек погодок од непосредна близина за 1-0.

Во продолжението повторно Брегалница ја диктираше играта, со неколку обиди од далечина на Силјановски и Ѓокиќ, но неуспешни. Во 44. минута и 100% шанса за „сините“ за израмнување. Коцев нафрли од левата страна, а највисок во скокот со глава Ѓорѓиев кој од десетина метри одлично реагира, но гредата го спасува голот на Академија Пандев.



Сепак, доминацијата на Брегалница вродува со плод во второто полувреме. Извонредна акција во 57. минута и евро-гол на Дарко Додев кој со шут од 16 метри под гредата од голот на домашните носи израмнување на 1-1.

Веќе во 62. минута и сосема заслужено водство на „сините“ од 1-2. По корнерот од левата страна, капитенот Мојсов со глава ја спушта топката на вториот дирек каде од самиот неколку метри налетува Ристевски за водство на нашиот тим.

Во 78. минута нова одлична шанса за Брегалница и за поубедливо водство, но по проигрувањето од Алтипармаковски, нововлезениот Џалто убаво шутираше од 12 метри, но Марко Јовановски брани спречувајќи нов погодок. На крај за сосема заслужен триумф од 1-2, и први три бода на стартот од сезоната.



ПМФЛ - 1. КОЛО
Струмица: АК. ПАНДЕВ - БРЕГАЛНИЦА 1-2
Стрелци: Јоковиќ 16' (АП) - Додев 57', Ристевски 62' (Б)
Кратово: СИЛЕКС - РАБОТНИЧКИ 1-0
Струга: СТРУГА ТЛ - ПОБЕДА 3-0
Тетово: ШКЕНДИЈА - СКОПЈЕ (17. август, 17 ч.)
Кавадарци: ТИКВЕШ - ШКУПИ (7. септември, 16 ч.)
МАКЕДОНИЈА ЃП - слободна