Фудбалерите на Брегалница ремизираа (1-1) на гостувањето против Тиквеш во Кавадарци во 3. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Избраниците на Илчо Ѓорѓиоски го одиграа можеби и најдобриот натпревар низ досегашниот тек од првенството, беа далеку подобар тим на теренот од домаќинот, но само поради бројните пропуштени шанси не успеаја да дојдат до трите бода.
Уште во 3. минута извонредна шанса за Брегалница, но обидот со глава на Ѓорѓиев го брани домашниот голман. Веќе во 10. минута и Алтипармаковски во убава позиција од десеттина метри откосо шутира, но повторно нема погодок. А, во 17. минута Дарко Додев избива сам пред домашниот голман и кога сите очекуваа погодок и водство на „сините“, крилниот офанзивец на Брегалница шутира директно во домашниот голман.
Сепак, по пропуштените шанси конечно погодокот и водството од 0-1 доаѓа во 25. минута. По корнерот на Касми од левата страна, одбиената топка од домашниот шеснаесетник одлично ја зафаќа Горан Силјановски и со прекрасен шут од 20 метри постигнува гол за предност.
Во 39. минута повторно нова 100% шанса. По нафрлувањето на Касми од десната страна од слободен удар, на вториот дирек Ѓорѓиев осамен повторно во обид со глава но не успева од само неколку метри да погоди во мрежата на домашните.
Второто полувреме повторно почна со доминација на Брегалница. Домаќините единствено се обидуваа преку контранапади, и од еден таков успеаја да израмнат во 57. минута со голот на Спахиу.
Во 75. минута Брегалница остана без капитенот Даниел Мојсов кој доби исклучување откако емотивно не издржа по бројните провокации, навреди и обиди за физичка пресметка на навивач-провокатор на Тиквеш со членови на неговото семејство. Со играч помалку до крајот Брегалница единствено можеше умешно да го приведе натпреварот до реми.
ПРВА ЛИГА – 3. КОЛО
Кавадарци: ТИКВЕШ – БРЕГАЛНИЦА 1-1 (0-1)
Спахиу 57' - Силјановски 25'